1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Контрола на интернетот 2.0

Сенада Соколу/ Симе Недевски12 септември 2014

Парламентот во Анкара го одобри заострувањето на и онака рестриктивниот закон за интернет. Властите сега можат да собираат податоци од интернет корисниците, без судски налог и полесно да блокираат интернет страници.

https://p.dw.com/p/1DAaw

Турскиот парламент го прифати предлогот на владејачката партија (АКП) за промена на законот за интернет. Со промена на законот турскиот телекомуникациски регулаторен орган (ТИБ) добива поголемо овластување. Имено, ТИБ може да собира информации за размена на информации на интернет без правна одлука. Во законот, покрај останатото, се внесуваат три причини со кои се олеснува блокирањето на интернет страници или нивни содржини: национална безбедност, одржување на јавен ред и спречување злосторство.

Властите задолжени за телекомуникации досега можеа да собираат податоци за користење на интернет на одделни лица само со судски налог. Одредени интернет страници можеа да бидат блокирани само кога би можела да биде загрозена приватноста на едно лице. Старата верзија на законот во сила стапи во февруари по откривањето на корупцискиот скандал на турската влада. Во новата верзија на законот се останати следните правила: интернет операторот во рок од 4 часа мора да изврши блокирање на одредени страници по наредба на властите. Властите во рок од 24 часа мораат својата одлука да ја достават до судот. Судијата во рок од 48 часа мора да изрече пресуда.

Türkei Twitter Sperrung 02.04.2014 Istanbul
Фотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Новата проширена верзија мора уште да ја потпише претседателот Реџеп Таип Ердоган. Меѓутоа, критиките уште сега се големи. Рајан Харт, портпарол на потпретседателката на Европската комисија Нели Крос вели дека тоа се „лоши вести за слободата“.

„Земјата станува полициска држава“

„Законот за интернет во старата форма беше доволно репресивен“, вели Асли Тунџ, стручњак за медиуми од Билиги универзитетот во Истанбул. „Овие промени сега достигнаа нова димензија. Телекомуникациските власти при блокирање на интернет страници сега можат да се повикаат на повеќе причини. Освен тоа, можат да собираат информации за користење на интернет на обичните граѓани без судска одлука. Државата се претвора во полициска држава“, вели Тунџ за ДВ и додава дека слободата на мислење е уште повеќе доведена во опасност. Тунџ додава оти промената на законот го крши и Уставот.

Со измена на законот се зголемуваат и казните за корисниците на интернет. „Со стариот закон е предвидена казна до 10.000 турски лири (3.600 евра). Со измените се предвидени казни и до 50.000 турски лири (17.800 евра)“, вели Тунџ и додава: „Таа казна мора да ја плати секој кој на пример го навредува Ататурк. Одредени зборови можат да се толкуваат на различни начини. Толку високи суми некои граѓани едноставно не можат да платат.“

„Вакви измени на законот за интернет се иронични. Минатата недела во Истанбул беше одржан ИГФ форум (Internet Governance Forum). Лично учествував како делегат на Фридом хаус. Разговорите со турските политичари за слободата на интернет очигледно не донесоа ништо, напротив“, вели Тунџ.

Принуденост на самоцензура

Türkei UN Internet Konferenz in Istanbul
ИГФ форумот во Истанбул (Internet Governance Forum)Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com

„Заострувањето на законот за интернет ќе биде многу ефективно, бидејќи интернет страниците сега ќе можат да се блокираат од повеќе причини. Правниот процес за повторно пуштање на станиците во употреба може да потрае повеќе недели или месеци. Тоа е тортура. Правниот процес во Турција е многу бавен“, вели блогерот Еркан Сака кој веќе 10 години е критичар на владата. Тој исто така се плаши дека и неговата интернет страница ќе биде блокирана. „Моментално блоговите ги пишувам на англиски и ако владата дојде на идеја да ги ограничи интернет страниците на други јазици, тогаш и јас лично би можел да бидам жртва. Со тоа сте принудени на самоцензура“, вели Сака.

Блогерот укажува на технички трикови со кои корисниците на интернет можат да го заобиколат блокирањето на одредени страници, како што е ВПН софтверот. „Меѓутоа, сите граѓани немаат такви технички новитети“, вели Сака и додава дека собирањето податоци за протокот на информации на интернет од страна на ТИБ е голем проблем. „Се’ што јас, како обичен граѓанин го работам на интернет, властите можат да го снимаат. На тој начин властите имаат директен пристап до моите информации. Секако дека е важно да се штити националната безбедност, но од досегашните искуства знаеме дека владата на АКП сака да ја ограничи слободата на мислење и за тоа сега измисли и закон“, вели Сака.