Украина: По трагите на Русите
24 август 2014Таму, каде што земјата е штотуку израмнета, до неодамна имаше гроб. Директно покрај стариот воен споменик среде Славјанск. Украинските власти таму извлекоа десетина тела, раскажува Валериј Ступко. Тој ја доживеа окупацијата на градот од страна на проруските бунтовници, од април до почетокот на јули. Дури и ноќта спроти повлекувањето, борците таму закопувале свои другари, веројатно и од Русија.
„На почетокот, кога загинаа првите од нив, имаше погреби по руски обичај, тие беа положувани во убави ковчези и испраќани за Русија. Нив не ги закопуваа овде. Оние пак што беа од овде, им ги предаваа на роднините. Тие беа славени како херои паднати за ’Народна Република Донбас’“, вели Ступко.
Но потоа, како што раскажува Валериј Ступко и многу жители на Славјанск, бунтовниците се‘ повеќе од загинатите закопувале едноставно директно покрај завојуваните контролни пунктови.
За многумина во источна Украина тоа е индиција дека тие загинати мора да потекнуваат од Русија. Кремљ тоа го отфрла и се претставува како мировен посредник. Но, истовремено, радикалните националисти во Москва регрутираат доброволци.
Валериј Колозеј и неговите соборци работат волонтерски и со донаторска помош. Секој е свесен дека борците може да се вратат и мртви. Тие сметаат дека е историска грешка што Донбас, регионот околу Доњецк и Луганск, и’ припаѓа на Украина. Затоа морале да одат во војна; тоа било борба за слобода.
Валериј Колозеј досега во војна испратил само неколку десетици доброволци. Но, во цела Русија, вели, има илјадници кои сакаат да се борат. Ги има и со воено искуство од Авганистан или Чеченија.
„Важни се воените специјалисти, како и медицинари. Такви ни се најитно потребни. Но ги прифаќаме сите, зашто во војна за две недели се учи она, за што во мирни времиња се потребни половина или цела година. Во меѓувреме таму имаме доволно познаници кои им помагаат на нашите луѓе да се снајдат и најбрзо што можe да бидат подготвени за борба“, нагласува Колозеј од Интер-бригадите од Москва.
Државното раководство во Киев борците ги нарекува терористи и ја обвинува Русија дека од почетокот го разгорува конфликтот.
И воениот експерт Валентин Бадрак е сосем сигурен во тоа. Тој вели дека дури и по падот на малезискиот патнички авион, Москва и натаму ги снабдувала борците со оружје, делумно и со тешко оружје. Тоа, меѓу другото, вели, се гледало и на Јутјуб-видеата снимени од жителите. Проруските бунтовници би тврделе дека тоа оружје од руско производство го одземале од поразените украински единици. Но, станувало збор за оружје какво што Русија веќе не и‘ доставувала на Украина.
Бадрак, кој работи во Центарот за армиски истражувања, конверзија и разоружување, Киев, оценува: „Во прашање е пред се‘ ефективноста на оружјето. Тоа е неколку пати поефективно од претходните модели. А тоа значи дека Русија директно им доставува вакво оружје на терористичките групи во источна Украина.“
Властите претполагаат дека во Славјанск и другите градови ќе најдат уште многу масовни гробници. Тие сакаат да им помогнат на сите руски семејства кои претпоставуваат дека нивните синови можеби загинале во источна Украина. Тие треба да дојдат и да помогнат за идентификација на телата.