1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЈужна Кореја

Јужнa Kорејa: Полициски претрес кај претседателот

ЖА
11 декември 2024

Државната криза во Јужна Кореја продолжува. Полицијата извршила претрес на канцеларијата на претседателот Јун. Неговиот министер за одбрана во оставка преживеал обид за самоубиство.

https://p.dw.com/p/4nzer
Јун Сук-Јол Јужна Кореја
Јужнокорејската полиција соопшти дека ја пребарала канцеларијата на претседателот Јун Сук-ЈолФотографија: South Korean Presidential Office/Yonhap/AP/picture alliance

Јужнокорејската полиција соопшти дека ја пребарала канцеларијата на претседателот Јун Сук-Јол. „Специјалниот истражен тим изврши рација во претседателската канцеларија, Националната полициска служба, полицискиот оддел во Сеул и Одделот за безбедност на националното собрание“, изјавија од одделот за АФП. На Јун веќе му беше забрането да ја напушта земјата  поради полициската истрага  за неговото кратко воведување воена состојба.

Јун прогласи воена состојба во вторникот минатата недела. Меѓутоа, набргу потоа Парламентот го искористи правото на вето на мерката на драматична седница, при што претседателот по неколку часа ја укина воената состојба.

Драстичните постапки на Јун предизвикаа масовни протести. Во саботата,  предлогот за импичмент на претседателот  пропадна на гласањето во јужнокорејскиот парламент. Партијата ДП во неделата најави нов обид за постапка за импичмент.  Владејачката партија ППП на Јун  во вторникот соопшти дека подготвува „роковник, план до оставка“ за претседателот, според кој тој би можел да се повлече од функцијата во февруари или март, а потоа може да се одржат нови избори.

Министерот за одбрана Ким Јонг-хјун
Министерот за одбрана Ким Јонг-хјун, кој беше приведен во неделата, а претходно поднесе оставка, се обидел да се самоубиеФотографија: Celal Gunes/Anadolu/picture alliance

Во вторникот беше издаден налог за апсење против министерот за одбрана Ким Јонг-хјун, кој беше приведен во неделата, а претходно поднесе оставка. Ким Јонг-хјун е под обвинение дека играл клучна улога во конфликтот и ја злоупотребил својата моќ. 

Висок затворски службеник денеска (среда) на парламентарно сослушување изјави дека Ким кратко претходно се обидел да се самоубие. Тој сега се наоѓа под заштита во безбедна ќелија и е во добра здравствена состојба. Според полицијата, генералниот комесар на Националната полициска агенција и шефот на градската полиција во Сеул, исто така, биле приведени рано утрото во врска со воведувањето вонредна состојба во земјата.