1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Проштален говор: Бајден предупредува од опасна олигархија

Тагесшау | ЕМФ
16 јануари 2025

Во понеделник американскиот претседател Бајден ќе му ја предаде функцијата на Трамп. Во прошталниот говор до нацијата, тој ги предупреди Американците на опасностите за демократијата - и на владеењето на супербогатите.

https://p.dw.com/p/4pBot
САД Џо Бајден
Џо Бајден се обрати од Овалната соба во Белата куќаФотографија: Ngan/Pool AFP/AP/dpa/picture alliance

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден во своето проштално обраќање до нацијата од Овалната соба предупреди од вкоренување на олигархија на супербогатите во земјата.

„Денес во Америка се формира олигархија на екстремно богатство, екстремна моќ и екстремно влијание што буквално ја загрозува целата наша демократија, нашите основни права и слободи и фер шанса за напредок на сите.“

Тој посочи на „опасна концентрација на моќ во рацете на неколку исклучително богати луѓе“. Ова е особено опасно, оцени Бајден, ако злоупотребата на моќта остане неконтролирана.

Врските меѓу Трамп и технолошките шефови

Предупредувањата на Бајден се чини дека укажуваат на врските меѓу идниот американски претседател Доналд Трамп и некои од најбогатите луѓе во светот. Во последните месеци, неколку шефови на технолошки концерни застанаа на страната на Трамп.

Технолошкиот милијардер Илон Маск потроши повеќе од 100 милиони долари за да помогне во изборот на Трамп. Директори како што се шефот на Мета, Марк Закерберг и извршниот директор на Амазон, Џеф Безос донираа на инаугуративниот комитет на Трамп и се собраа во неговиот приватен клуб во Флорида на аудиенција кај новоизбраниот претседател.

Осврнувајќи се на предупредувањата на поранешниот американски претседател Двајт Ајзенхауер кога тој ја напушташе функцијата, а во врска со воено-индустрискиот комплекс, Бајден рече: „Подеднакво сум загрижен за потенцијалниот пораст на технолошко-индустрискиот комплекс кој исто така може да претставува реална закана за нашата земја. "

„Лавина од неточни информации и дезинформации“

Американските граѓани се закопани под „лавина неточни информации и дезинформации што овозможуваат злоупотреба на моќта“, продолжи Бајден во своето телевизиско обраќање во живо неколку дена пред инаугурацијата на Трамп.

„Слободниот печат се распаѓа, уредниците исчезнуваат, а проверката на фактите на социјалните мрежи се напушта. Вистината е потисната со лаги кои се шират за моќ и профит“, рече Бајден барајќи социјалните платформи да бидат повикани на одговорност за заштита на децата, семејствата и самата демократија од злоупотреба на моќта.

„Укинување на имунитетот на актуелните претседатели“

Демократот тврдеше дека постигнал економски раст додека истовремено ја штител животната средина. „Ние ги правиме и двете, но моќните сили сакаат да го искористат своето неконтролирано влијание за да ги елиминираат чекорите што ги презедовме за справување со климатската криза“, продолжи Бајден.

Во својот говор, тој побара и промена на Уставот со цел да се укине имунитетот на актуелните претседатели, откако Врховниот суд на Соединетите Американски Држави минатата година му даде на Трамп широка заштита од кривична одговорност.

Одлуката на Врховниот суд се однесуваше на улогата на Трамп во обидот да ја поткопа изборната победа на Бајден против него во 2020 година.