1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Дејвид Сакс ќе стане „криптоцар“ на Трамп

СН/агенции
6 декември 2024

Инвеститорот и поранешен менаџер на ПејПал, Дејвид Сакс, уште пред повеќе месеци јавно го поддржа Трамп. Тој во иднина треба да ги застапува САД за прашањата за криптовалутите и вештачката интелигенција.

https://p.dw.com/p/4npAt
Дејвид Сакс ќе биде советник и координатор за областите на вештачката интелигенција и криптовалутите во администрацијата на Доналд Трамп
Дејвид Сакс ќе биде советник и координатор за областите на вештачката интелигенција и криптовалутите во администрацијата на Доналд ТрампФотографија: Karsten Lemm/picture alliance

Идниот американски претседател Доналд Трамп го назначи Дејвид Сакс, десничарски инвеститор, поранешен менаџер и подкастер, за советник и координатор за областите на вештачката интелигенција и криптовалутите.

Трамп таа одлука ја објави на социјалната мрежа Трут соушал.

Работата на Сакс ќе вклучува создавање правна рамка за криптовалути, како и водење на претседателскиот совет за наука и технологија.

„Дејвид ќе се фокусира на тоа Америка да стане глобален лидер во двете области. Тој ќе ја брани слободата на говорот на интернет и ќе нѐ оддалечи од предрасудите и цензурата на големите технолошки компании“, рече Трамп.

Од критичар до истакнат поддржувач

Сакс стана истакнат поддржувач на Трамп претходно годинава, кога организираше собирање средства за Трамп на неговиот имот во Сан Франциско.

Билетите беа продавани за 50.000 долари, а имало и пакети од 300.000 долари кои вклучуваат привилегии како фотографија со Трамп.

Сакс првично беше остар критичар на Трамп по нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, кога изјави дека Трамп е одговорен за тие настани.

Доналд Трамп на криптоконференција во Нешвил во јули 2024 година
Доналд Трамп на криптоконференција во Нешвил во јули 2024 годинаФотографија: Kevin Wurm/REUTERS

Трамп инаку во објавата на Трут Соушл ги истакна претходните достигнувања на неговиот иден „криптоцар“. „Дејвид Сакс беше многу успешен претприемач и инвеститор 25 години, градејќи и финансирајќи некои од најголемите компании икони во Силиконската долина“, напиша Трамп. За време на раните денови на сега глобално познатиот американски давател на платежни услуги ПејПал, Сакс беше негов генерален извршен директор.

Подоцна ја основа софтверската компанија Јамер - која програмираше еден вид внатрешен Фејсбук за компаниите - и го продаде на индустрискиот гигант Мајкрософт во 2012 година за 1,2 милијарди долари. Сакс стана познат и по неговиот подкаст „Ол-ин“.

Трамп го нарече подкастот „најдобар во технолошката индустрија, каде Сакс и неговите пријатели разговараат за економски, политички и социјални прашања“. 

Масовни шпекулации со Биткоин

Од победата на Трамп на изборите на 5-ти ноември, Биткоинот енормно порасна бидејќи инвеститорите шпекулираат на крипто-пријателска регулација на индустријата од страна на републиканецот. Додека најстарата и најпозната дигитална валута сè уште се тргуваше за околу 70.000 долари пред изборите, таа во четвртокот навечер за првпат го проби прагот од 100.000 долари.

Оптимистичкото расположение во криптосцената претходно беше поттикнато од најавата на Трамп дека ќе го назначи поддржувачот на дигиталните валути Пол Еткинс за шеф на моќната американска Комисија за хартии од вредност (СЕЦ).