1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСеверна Кореја

Сеул: Северна Кореја разнесе патишта кон Јужна Кореја

ЕМФ | агенции
15 октомври 2024

Северна Кореја, според јужнокорејската армија, кренала во воздух две сообраќајни поврзници со соседната земја, кои имаат важно симболично значење.

https://p.dw.com/p/4lnFM
Јужнокорејски војници патролираат на границата со Северна Кореја
Јужнокорејски војници патролираат на границата со Северна КорејаФотографија: Ahn Young-joon/AP/picture alliance

Генералштабот на армијата на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја денеска (15.10) кренала во воздух патишта кои ги поврзуваат двете земји и имаат важно симболично значење. „Северна Кореја разнесе делови од патиштата Ѓеонгуи и Донхае северно од воената демаркациона линија“, соопшти Генералштабот во Сеул во врска со меѓукорејската инфраструктура што некогаш ги поврзуваше двете земји. Јужнокорејската армија, како што се вели, одговорила со „контраоган во области јужно од воената демаркациона линија“.

Северна Кореја пред неколку дена најави дека има намера трајно да прекине некои од патиштата и железничките поврзници со Јужна Кореја. Тоа се образлага со заштита на националната безбедност. Патиштата и железничките линии, кои некогаш важеа за симболи на соработката на двете Кореи, се одамна затворени, но експертите велат дека уништувањето од страна на Северна Кореја испраќа јасна порака дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун не е подготвен да преговара со Југот.

Тензиите меѓу двете држави актуелно се значително зголемени. Во текот на изминатиот викенд Северна Кореја ја обвини Јужна Кореја дека испратила дронови со анти-севернокорејска содржина во Пјонгјанг. Сеул тоа не го потврди. Според државните медиуми во Северна Кореја, зајакнати се контролните позиции за вооздушна одбрана.

Двете Кореи технички сè уште се во војна, бидејќи конфликтот од 1950 до 1953 година заврши со примирје, а не со мировен договор. Односите во моментов се крајно тензични. Севернокорејскиот лидер Ким неодамна предупреди дека неговата земја „без двоумење“ ќе употреби нуклеарно оружје доколку биде нападната од Југот.