Војна во Газа: Напредок во преговорите за прекин на огнот
13 јануари 2025Палестинската милитантна исламистичка организација Хамас е блиску до постигнување договор со Израел за прекин на огнот во Газа и размена на израелските заложници за палестински затвореници, изјави денеска официјален претставник на екстремистичката организација, откако израелската влада објави дека има напредок во преговорите.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар изјави дека Израел напорно работи на постигнување договор во преговорите што се водат во катарската престолнина Доха и оти е постигнат напредок.
„Израел сака договор за заложници. Израел работи со нашите американски пријатели на постигнување договор и наскоро ќе знаеме дали и другата страна го сака истото“, изјави Саар на прес-конференција во Ерусалим, пренесоа израелските медиуми.
Според израелските медиуми главниот град на Катар, Доха бил претставен план во три фази за постигнување на примирје во војната и ослободување на заложниците.
И покрај напредокот, сè уште постојат пречки, изјави неименуван претставник на Хамас.
Тие го вклучуваат барањето на Хамас, Израел да се повлече од коридорот Филаделфија, тесен појас долж границата меѓу Египет и Газа и да се согласи на траен прекин на огнот наместо привремен прекин на воените операции, започнати откако Хамас изврши незапамтен напад во јужен Израел на 7 октомври , 2023 година.
Дополнително, не е надминато несогласувањето околу предложената тампон зона во Газа долж источната и северната граница со Израел.
Неименуваниот функционер на Хамас рече дека тампон зоната треба да биде како онаа пред 7 октомври, од 300 до 500 метри од границата, а Израел се залага таа да биде многу поголема - околу 2.000 метри.
„Веруваме дека тоа значи дека 60 квадратни километри од Појасот Газа ќе останат под нивна контрола, а раселените луѓе нема да се вратат во своите домови“, рече претставникот.
Покрај овие клучни барања, преговарачите разгледуваат детали за ослободување на палестинските затвореници и мапи на области од кои би се повлекла израелската војска.