Претседателот на Јужна Кореја е суспендиран од функцијата
14 декември 2024Во услови на влошена државна криза во Јужна Кореја, парламентот го суспендираше претседателот Јун Сук Јеол од функцијата. Премиерот Хан Дак Су привремено ќе ги преземе должностите шеф на државата додека Уставниот суд конечно не одлучи за импичментот, судиите имаат 180 дена рок за да донесат одлука.
Со 204 гласа „за“, предлогот доби јасно мнозинство на пленарната седница. Покрај 192-те пратеници од опозицискиот табор, потребни беа најмалку осум неистомисленици во владејачката фракција на Народната моќ (ППП), од кои мнозинството гласаше против.
Седум парламентарци од ППП претходно јавно најавија дека ќе гласаат за импичмент. Лидерот на партијата Хан Донг Хун исто така беше поддржувач на предлогот. Првиот обид за смена на шефот на државата од функцијата пред една недела пропадна поради кворумот по речиси целосниот бојкот од страна на владејачката партија: потребното двотретинско мнозинство не беше постигнато.
Пред последното гласање, десетици илјади луѓе повторно демонстрираа против Јун, вклучително и пред парламентот во Сеул. Полицијата објави дека очекува вкупно најмалку 200.000 учесници.
Претседателот Јун неочекувано прогласи воена состојба во вторникот минатата недела, но ја смени одлуката неколку часа подоцна по големиот отпор и ветото од Парламентот. Овој четврток, Јун ги бранеше своите постапки во телевизиски говор што беше закажан за кратко време. Претседателот изјави дека прогласил воена состојба за да ја заштити нацијата. 63-годишникот објасни дека неговите политички противници се „антидржавни сили“ кои ја парализираат работата на владата и го нарушуваат уставниот поредок на земјата.
Набљудувачите ги припишуваат настаните пред се на буџетскиот спор меѓу власта и опозицијата. Покрај тоа, Јун долго време бил под личен притисок, на пример поради истраги против неговата сопруга за можна корупција. Критичарите ја обвинуваат неговата влада за зголемувањето на цените на храната, слабеењето на економијата и зголемените ограничувања на слободата на изразување.
Јавното обвинителство и полицијата во меѓувреме преземаат мерки против неколку лица осомничени дека се одговорни за државната криза. Меѓу нив има и високи претставници на армијата и полицијата. Според властите, уапсен е припадник на воената команда во Сеул. Наредби за апсење биле издадени и против началникот на полицијата во земјата и началникот на полицијата во главниот град. Војниците на воената команда беа распоредени на улиците во краткиот период на воена состојба.
Самиот Јун, како и неговите најблиски доверливи лица, е под истрага долго време. Во моментов не му е дозволено да ја напушти Јужна Кореја. Неговиот министер за одбрана Ким Јонг Хјун, кој се смета за една од движечките сили зад воведувањето на вонредната состојба, беше уапсен. Според затворските власти, тој во вторникот се обидел да се самоубие во затворот,но преживеал.